2. И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.
3. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘
4. Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,
5. но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“
6. И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија!
7. Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?
8. Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“
9. А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:
10. „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.
11. Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или како овој цариник.
12. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘
13. А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘
14. Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“
15. Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа.
16. Но тогаш Исус ги повика и им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо!