Лука 18:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Им кажа и една парабола како треба секогаш да се молат и да не паѓаат со духот.

2. И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.

3. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘

4. Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,

5. но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“

6. И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија!

7. Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?

8. Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“

9. А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:

10. „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.

11. Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или како овој цариник.

12. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘

13. А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘

14. Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“

Лука 18