Лука 17:10-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

10. Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.‘“

11. А кога одеше за Ерусалим, Тој поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.

12. Кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни луѓе и застанаа подалеку,

13. па со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај ни се!“

14. Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија.

15. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно;

16. и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.

17. Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се очистија десетмина? Каде се другите девет?

18. Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“

19. И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“

20. Запрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „Царството Божјо не доаѓа забележливо,

21. ниту, пак, ќе се каже: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.“

22. И им рече на учениците: „Ќе дојдат дни, кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите:

23. и ќе ви речат: ‚Еве Го, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. – Но, не одете и не барајте!

24. Зашто, како што молњата, кога ќе светне на небото осветлува сѐ што е под небото, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.

25. Но, најнапред Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.

26. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:

Лука 17