6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов мојата загубена овца!‘
7. Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници што немаат потреба од покајание.
8. Или која жена, ако има десет драхми, и ако загуби една, нема да запали светило и да ја измете куќата, и да бара внимателно, сѐ додека не ја најде?
9. А штом ќе ја најде, ќе повика пријатели и сосетки, велејќи: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената драхма!‘
10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“
11. И рече: „Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно.
14. И откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде кај еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своите полја да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак макар и со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: ‚Колку наемници кај татко ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, тука умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам кај татко ми и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници.“‘
20. Па стана и отиде кај татка си. И кога беше уште далеку, го виде неговиот татко и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘