15. А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“
16. А Тој му рече: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;
17. и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘
18. И почнаа сите по ред да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘
19. Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘
20. Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘
21. Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука сиромашните, сакатите, куците и слепите!‘
22. И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘
23. И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘
24. Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја. Зашто мнозина се поканети, но малкумина се избрани.“
25. Со Него одеше многу народ; и Тој се заврте и им рече:
26. „Ако некој дојде кај Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик.
27. И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28. Зашто, кој од вас, кој сака да соѕида кула, нема да седне најнапред за да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за да ја доврши?
29. Во спротивно, ако веќе ги поставил темелите, а не може да ја доврши, сите што гледаат, ќе почнат да му се смеат,
30. и да зборуваат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши.‘
31. Или кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, нема да седне најнапред да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној што иде против него со дваесет илјади?