20. И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?
21. Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.“
22. И по патот за Ерусалим минеше низ градови и села и поучуваше.
23. Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе бидат спасени?“ А Тој рече:
24. „Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакат да влезат и не ќе можат.
25. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: ‚Господи, Господи, отвори ни!‘ Тој ќе ви одговори и ќе ви рече: ‚Не ве познавам од каде сте!‘
26. Тогаш ќе почнете да зборувате: ‚Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.‘
27. А Тој ќе рече: ‚Ви велам: не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!‘
28. Таму ќе настане плач и шкрипење со заби, кога ќе го видите Авраам, Исак и Јаков и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.