Лука 12:2-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајно што не ќе се дознае.

3. Затоа, што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и што сте шепотеле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите.

4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат.

5. Ќе ви покажам од кого да се плашите: плашете се од Оној Кој, откако убие, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се!

6. Зар не се продаваат пет врапчиња за две парички? И ниедно од нив Бог не го заборава.

7. А вам, и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се: од многу врапчиња вие сте поскапи.

8. Ви велам: секој што Ме признава Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;

9. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.

10. На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости.

11. А кога ќе ве одведат во синагогите и пред началствата и властите, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;

12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“

13. Некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“

14. А Тој му рече: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“

15. Потоа им кажа: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.“

16. И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу.

17. И размислуваше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘

18. Па рече – вака ќе направам: ќе ги урнам житниците свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,

19. и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘

Лука 12