Лука 11:32-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

32. И Ниневјаните ќе станат на Судот со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа на проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона.

33. Никој, пак, не става запалено светило на сокриено место, ниту под поклопец, туку на свеќник, за да можат да ја гледаат светлината оние што влегуваат.

34. Твоето око е светило на твоето тело. Ако твоето око е здраво, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лошо, и твоето тело ќе биде темно;

35. затоа внимавај светлината што е во тебе да не е темнина.

36. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со својот сјај.“

37. И кога зборуваше Тој, еден фарисеј Го помоли да руча кај Него. Тој влезе и седна на трпеза.

38. И фарисејот се зачуди кога виде дека Тој не си ги изми рацете пред јадење.

39. Но Господ му рече: „Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство.

40. Безумници! Оној што го направи надворешното, нели е истиот тој што го направи и внатрешното?

41. Но, давајте милостина од она што е внатре, тогаш сѐ ќе ви биде чисто.

42. Но тешко вам, фарисеи, зашто давате десеток од нане и рута, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате правдата и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го пропуштите.

43. Тешко вам, фарисеи! Зашто сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите!

44. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат, а не ги знаат.“

45. Одговори некој од закониците и Му рече: „Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нѐ навредуваш.“

46. Но Тој рече: „Тешко вам, законици, што ги товарите луѓето со товари што не можат да ги поднесат, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие товари.

47. Тешко вам, што им ѕидате гробници на пророците, а нив ги убија вашите татковци;

48. Вие со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, бидејќи тие ги убија, а вие им ѕидате гробници.

49. Затоа и мудроста Божја рече: ‚Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги прогонат‘;

50. за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот;

Лука 11