21. Кога силен, вооружен човек, го чува својот двор, тогаш имотот негов е во безопасност.
22. Но, кога ќе дојде некој посилен од него и го надвладее, тој ќе му го земе сето оружје негово, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде.
23. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.
24. Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ‚Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘
25. Па, штом дојде, го наоѓа изметен и среден.
26. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога ќе влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.“
27. И додека го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел!“
28. А Тој рече: „Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат.“
29. А на народот, што се собираше, почна да му зборува: „Овој род е зол род; бара знак, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона;
30. зашто, како што Јона беше знак за Ниневјаните, така и Синот Човечки ќе биде за овој род.
31. Јужната царица ќе стане на Судот со луѓето од овој род и ќе ги осуди, зашто таа дојде од крајот на земјата да ја чуе мудроста на Соломон; а ете, тука е поголем од Соломон.
32. И Ниневјаните ќе станат на Судот со овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа на проповедта на Јона; а ете, тука е поголем од Јона.
33. Никој, пак, не става запалено светило на сокриено место, ниту под поклопец, туку на свеќник, за да можат да ја гледаат светлината оние што влегуваат.