Лука 1:31-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

31. и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус.

32. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид;

33. и ќе царува над домот Јаковов засекогаш, и царството Негово нема да има крај.“

34. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“

35. Ангелот ѝ одговори и рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.

36. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неротка, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;

37. зашто кај Бога ниеден збор не останува невозможен.“

38. Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ И ангелот си отиде од неа.

39. А Марија стана во тие дни и поита во горскиот крај, во градот Јудин;

Лука 1