Јован 8:45-59 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

45. А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.

46. Кој од Вас може да Ме обвини за грев? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?

47. Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.“

48. Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека демон има во Тебе?“

49. Исус им одговори: „Во Мене нема зол дух, туку Го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.

50. Но Јас не барам Своја слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди.

51. Вистина, вистина ви велам; кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.“

52. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека демон има во Тебе: Авраам умре, и пророците, а ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.

53. Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? И пророците умреа; а за кого се сметаш Себе си?“

54. Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Оној Кој ме прославува е Мојот Отец, за Кого вие велите дека е ваш Бог;

55. но не Го познавате, а Јас, пак, го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажго како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.

56. Авраам, таткото ваш, се радуваше да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.“

57. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел Авраам!?“

58. Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.“

59. Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, поминувајќи меѓу нив; и така замина.

Јован 8