Јован 8:4-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

4. Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена во прељубодејство на дело.

5. А Мојсеј во Законот ни заповеда таквите да ги каменуваме; Ти, пак, што велиш?“

6. Тоа го рекоа за да Го искушаат и да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува во земјата, не гледајќи ги.

7. Кога продолжија да го прашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“

8. И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.

9. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните: останаа само Исус и жената, која стоеше насреде.

10. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“

11. А таа рече: „Никој, Господи.“ Тогаш Исус ѝ рече: „Ниту Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“

12. И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“

13. Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинито.“

14. Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам.

15. Вие судите по телото, Јас не судам никому.

16. И ако судам Јас, Мојот суд е вистинит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.

17. А и во законот ваш е напишано дека сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно.

18. Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“

19. Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме знаете ниту Мене, ниту Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“

20. Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.

Јован 8