Јован 8:25-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

25. Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им одговори: „Почеток, како што и ви велам.

26. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но, Оној што Ме прати е вистинит и она што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.“

27. Но не разбраа дека им говореше за Отецот.

28. А Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе сфатите дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.

29. Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.“

30. Кога Тој го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.

31. Тогаш Исус им говореше на оние Јудејци, што беа поверувале во Него: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;

32. и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“

33. Му одговорија и рекоа: „Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни?‘“

34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.

35. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.

36. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.

37. Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.

38. Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот татко.“

Јован 8