20. Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
21. Пак им рече Исус: „Јас си одам, а вие ќе Ме барате и во својот грев ќе умрете. Каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете.“
22. Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете?“
23. И им рече: „Вие сте од долу, а Јас сум од горе: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.
24. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; бидејќи, ако не поверувате дека Јас Сум Тој, ќе умрете во гревовите свои.“
25. Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им одговори: „Почеток, како што и ви велам.
26. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но, Оној што Ме прати е вистинит и она што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.“
27. Но не разбраа дека им говореше за Отецот.
28. А Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе сфатите дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.
29. Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.“