11. А таа рече: „Никој, Господи.“ Тогаш Исус ѝ рече: „Ниту Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“
12. И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“
13. Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинито.“
14. Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам.
15. Вие судите по телото, Јас не судам никому.
16. И ако судам Јас, Мојот суд е вистинит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.
17. А и во законот ваш е напишано дека сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно.
18. Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“
19. Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме знаете ниту Мене, ниту Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“