24. Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“
25. Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат?
26. Ете, јавно говори и ништо не Му велат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос?
27. Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од каде е.“
28. Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате.
29. Јас, пак, Го знам, зашто сум од Него и Тој Ме прати.“
30. Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.
31. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда отколку што направи Овој?“
32. Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па испратија фарисеите и првосвештениците слуги да го фатат.
33. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати.