Јован 6:8-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

8. Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече:

9. „Овде има едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“

10. Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.

11. Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку сакаше.

12. А кога се наситија, им рече на учениците Свои: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“

13. И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошници парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа.

14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“

15. Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогласат за цар, повторно се повлече Сам во гората.

16. А приквечер, учениците Негови слегоа до морето,

17. и откако влегоа во кораб, тргнаа преку морето кон Капернаум. И веќе се беше стемнило, а Исус сѐ уште не беше дошол кај нив.

18. Морето, пак, се подигаше, зашто дуваше силен ветар.

19. И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија.

20. Но Тој им рече: „Јас сум, не плашете се!“

21. Тие сакаа да Го примат во коработ и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа.

22. Утредента наутро народот, што стоеше од другата страна на морето, забележа дека таму немаше друг кораб, освен еден, во кој влегоа учениците Негови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, туку само учениците негови заминаа.

Јован 6