34. Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!“
35. А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.
36. Но ви реков: вие и Ме видовте и не верувате.
37. Сѐ што Ми дава Отецот, ќе дојде кај Мене; а кој доаѓа кај Мене, нема да го избркам надвор;
38. зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати.
39. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.
40. А оваа е волјата на Оној што Ме прати: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“
41. Негодуваа против Него Јудејците, зашто рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“,
42. и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“
43. Им одговори Исус и рече: „Не мрморете меѓу себе.
44. Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
45. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене.
46. Не дека некој Го видел Бога, освен Оној Кој е од Бога; Тој го видел Отецот.
47. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има вечен живот.
48. Јас сум лебот на животот.
49. Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа;
50. а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре.
51. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“