Јован 6:24-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

24. И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту учениците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Капернаум да Го бараат Исуса.

25. И штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде овде?“

26. А Исус им одговори и рече: „Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте.

27. Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот.“

28. А тие Му рекоа: „Што да правиме за да извршуваме Божји дела?“

29. Исус им одговори и рече: „Божјото дело е ова: да поверувате во Оној Кого Го испрати Тој.“

30. А тие Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да поверуваме? Што ќе направиш?

31. Татковците наши јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‚Леб од небото им даде да јадат.‘“

32. Но Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: не ви даде Мојсеј леб од небото, туку Мојот Отец ви дава вистински леб од небото.

33. Зашто лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.“

34. Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб!“

35. А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот; кој доаѓа кај Мене, нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.

36. Но ви реков: вие и Ме видовте и не верувате.

Јован 6