1. Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското, Тиверијадското Море.
2. И по него одеше многу народ, зашто ги гледаа чудата Негови што ги вршеше над болните.
3. А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои.
4. И наближуваше јудејскиот празник Пасха.
5. Исус, пак, откако ги подигна очите, виде дека кон Него иде многу народ и му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“
6. А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи.
7. Филип Му одговори: „Не ќе им биде доволно леб за двесте денарии, па да добие секој од нив по малку!“
8. Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече:
9. „Овде има едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“
10. Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.
11. Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку сакаше.
12. А кога се наситија, им рече на учениците Свои: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“
13. И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошници парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа.
14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“
15. Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогласат за цар, повторно се повлече Сам во гората.