25. Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“
26. А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“
27. И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жена; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто зборуваш со неа?“
28. А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:
29. „Дојдете, видете Го човекот Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“
30. Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31. Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!“
32. Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“
33. Тогаш учениците си проговорија меѓу себе: „Да не Му донел некој да јаде?“
34. А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.
35. Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како веќе побелеле, готови за жетва.