16. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.
17. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
19. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли.
20. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави.
21. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.“
22. Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштеваше.
23. А Јован крштеваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштеваа,
24. зашто Јован уште не беше фрлен во затвор.
25. Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето.
26. И дојдоа кај Јован и му рекоа: „Рави, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Тој крштева и сите одат кај Него.“
27. А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.
28. Вие самите ми сведочите дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.‘
29. Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја радост се исполни.