8. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.
9. Кога пак излегоа на брегот, видоа наложен оган, и на него ставена риба и леб.
10. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“
11. А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.
12. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ.
13. Исус пријде, зеде леб и им даде, исто така и риба.
14. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите.
15. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“
16. Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“