16. Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“
17. И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“
18. Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.
19. А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“
20. И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.
21. А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“
22. И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!
23. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“
24. А Тома, еден од дванаесетмината, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус.
25. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“