25. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“
26. Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“
27. А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.
28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.
29. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Какво обвинение изнесувате против Овој Човек?“
30. Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“
31. А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,
32. за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.