Јован 18:17-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

17. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“

18. А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. А и Петар беше со нив, стоеше и се грееше.

19. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.

20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував во синагогата и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.

21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“

22. Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“

23. Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“

24. Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа.

25. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“

26. Еден од слугите на првосвеште­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“

27. А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.

28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.

29. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Какво обвинение изнесувате против Овој Човек?“

30. Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“

31. А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,

32. за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.

33. Тогаш Пилат повторно влезе во преторијата, па Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“

34. Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“

35. Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“

Јован 18