Јован 18:11-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“

12. Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа.

13. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.

14. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.

15. По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.

16. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар.

17. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“

18. А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. А и Петар беше со нив, стоеше и се грееше.

19. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.

Јован 18