18. И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: ‚Уште малку?‘“
19. Исус разбра дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘
20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.
21. Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.
22. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;
23. и во тој ден нема да Ме прашувате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.
24. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.“
25. „Ова во параболи ви го кажав; но ќе дојде час кога нема веќе во параболи да ви зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.
26. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Отецот ќе го помолам за вас;
27. бидејќи Отецот Сам ве љуби, зашто вие Ме возљубивте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.