Јован 16:15-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

15. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.“

16. „Уште малку, и нема да Ме гледате, и по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам кај Отецот.“

17. Тогаш некои од учениците Негови си рекоа меѓу себе: „Што е тоа, што ни вели: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘ и ‚Јас си одам кај Отецот?‘“

18. И си зборуваа: „Што е тоа, што вели: ‚Уште малку?‘“

19. Исус разбра дека сакаат да Го прашаат, и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘

20. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост.

21. Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот.

22. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе;

23. и во тој ден нема да Ме прашувате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде.

24. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна.“

25. „Ова во параболи ви го кажав; но ќе дојде час кога нема веќе во параболи да ви зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот.

26. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Отецот ќе го помолам за вас;

27. бидејќи Отецот Сам ве љуби, зашто вие Ме возљубивте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога.

28. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се враќам кај Отецот.“

29. Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква парабола не кажуваш.

30. Сега знаеме дека знаеш сѐ и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.“

31. Исус им одговори: „Сега ли верувате?

32. Ете, иде часот, и веќе настапил, да се разбегате секој кај своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене.

33. Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“

Јован 16