16. Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.
17. Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате.
18. Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘
19. Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас.
20. Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“
21. Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“
22. Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.
23. А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови.
24. Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што говори.
25. Тој, пак, се навали на градите Исусови и Му рече: „Кој е Господи?“
26. Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го подадам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариотски.
27. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе правиш, прави побргу!“
28. А никој од оние што седеа на трпезата не разбраа зошто му го рече тоа.