Јован 12:26-43 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

26. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

27. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.

28. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И прославив, и пак ќе прославам.“

29. А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“

30. Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас.

31. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.

32. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“

33. А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“

35. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди.

36. Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.

37. Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38. за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“

39. Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели:

40. „Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“

41. Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.

42. Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата;

43. зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја.

Јован 12