Јован 12:23-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

23. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки.

24. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.

25. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.

26. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

27. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.

28. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И прославив, и пак ќе прославам.“

29. А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“

30. Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас.

31. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.

32. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“

33. А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“

Јован 12