Јован 12:18-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

18. Затоа и Го пречека народот, зашто беше чул дека тоа чудо го направи Тој.

19. А фарисеите си велеа меѓу себе: „Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него!“

20. Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини.

21. Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса.“

22. Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус.

23. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки.

24. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.

25. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.

26. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

27. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.

28. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И прославив, и пак ќе прославам.“

29. А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“

30. Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас.

31. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.

32. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“

33. А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“

35. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди.

36. Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.

37. Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38. за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“

Јован 12