34. па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“
35. Исус просолзи.
36. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал!“
37. Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“
38. А Исус пак се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.
39. Рече Исус: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“
40. Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“
41. Тогаш го дигнаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам што Ме услиши.
42. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“
43. Кога го рече ова, извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“
44. излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете; а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“
45. Тогаш мнозина од Јудејците што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.
46. Некои од нив отидоа кај фарисеите и им рекоа што направи Исус.
47. Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда.