Јован 11:31-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

31. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.

32. А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“

33. Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се потресе,

34. па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“

35. Исус просолзи.

36. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал!“

37. Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“

38. А Исус пак се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.

39. Рече Исус: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“

40. Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“

41. Тогаш го дигнаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам што Ме услиши.

42. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“

Јован 11