Јован 11:25-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

25. А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.

26. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“

27. Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“

28. Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“

29. Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него;

30. зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше дочекала Марта.

31. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.

32. А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“

33. Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се потресе,

34. па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“

35. Исус просолзи.

36. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал!“

37. Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“

38. А Исус пак се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.

Јован 11