6. Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што беше тоа што им говореше.
7. Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците.
8. Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа.
9. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде.
10. Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.
11. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага животот свој за овците;
12. а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.
13. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.
14. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.
15. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и животот Свој го полагам за овците Свои.
16. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.