Јован 10:21-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

21. Други велеа: „Ова не се зборови на бесомачен; може ли демон на слеп да му отвори очи?“

22. А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување на храмот и беше зима.

23. Одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов.

24. А Јудејците Го опколија и Му рекоа: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!“

25. Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене.

26. Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков.

27. Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене,

28. и Јас им давам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја.

29. Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец.

30. Јас и Отецот сме едно.“

31. А Јудејците, пак, зедоа камења да Го каменуваат.

32. Исус им одговори: „Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?“

33. Му одговорија Јудејците, велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог.“

34. Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‚Јас реков: богови сте?‘

35. Ако Тој ги нарече богови оние кон кои беше упатено словото Божјо, а писмото не може да се урне,

36. а на Оној ли, Кого Го освети Отецот и Го прати во светот, вие велите: ‚Хулиш на Бога?‘ дека реков: ‚Јас сум Син Божји?‘

37. Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми;

38. а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.“

39. Сакаа пак да Го фатат, но Тој им се истргна од рацете нивни,

40. и пак отиде отаде Јордан, на она место каде што Јован крштеваше, и остана таму.

Јован 10