Јаков 2:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Браќа мои, држете ја непристрасно верата во Исус Христос, нашиот Господ на славата!

2. Ако во вашето собрание влезе човек со златен прстен, во светли алишта, и влезе сиромав човек со проста облека,

3. па се загледате на облечениот во светли алишта и му речете: „Ти седни овде убаво!“, а на сиромашниот му ре­чете: „Ти стој таму!“, или „Седни овде, крај подножјето мое!“,

4. зарем со тоа не покажувате прис­трас­ност, и не станувате судии со лоши помисли?

5. Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го љубат?

6. А вие го посрамивте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве мачат и ве влечат по судови?

7. Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле?

8. Ако, пак, го извршувате царскиот закон според Писмото: „Возљуби го ближниот како самиот себе“ – добро правите.

9. Но, ако сте пристрасни, грев пра­вите; и Законот ве осудува како прес­тапници.

10. Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ.

11. Зашто Оној, Кој рекол: „Не прави прељуба!“, рекол и: „Не убивај!“ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот.

12. Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според за­ко­нот на слободата.

13. Зашто судот ќе биде безмилосен спрема оној кој не покажува милост; милоста надвива над судот.

14. Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?

15. Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,

16. па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза?

17. И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.

Јаков 2