Јаков 1:16-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

16. Не мамете се, браќа мои возљубени.

17. Секој добар дар и секој совршен по­дарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема про­мени ни сенка од измена.

18. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да би­деме првина меѓу Неговите созданија.

19. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев,

20. бидејќи човечкиот гнев не ја из­вр­шува Божјата правда.

21. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души.

22. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.

23. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало;

24. ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.

25. Но кој ќе се задлабочи во совр­ше­ниот Закон на слободата и остане во не­го, тој, бидејќи не е заборавлив слу­шател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување.

26. Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побож­ност е суетна.

27. Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се па­зиш да останеш неосквернет од светот.

Јаков 1