9. И, така да речам, Левиј, кој прима десетоци, и сам даде десеток преку Авраам,
10. бидејќи уште беше во бедрата на татко си кога го сретна Мелхиседек.
11. Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседек, наместо по чинот на Арон?
12. Зашто, кога ќе се промени свештенството, тогаш се јавува потреба да се измени и законот.
13. А Оној за Кого се зборува ова, се вбројува во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот;
14. зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол.
15. И уште појасно станува тоа кога се воздига слично на Мелхиседек друг свештеник,
16. Кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот.
17. Зашто се посведочи: „Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседек.“
18. А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа што таа беше слаба и бесполезна,
19. зашто Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога.
20. Тоа беше потврдено со заклетва.
21. Зашто оние беа станале свештеници без заклетва, а Тој – со заклетва, преку Оној Кој Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ,Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.‘“