5. Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога.
6. А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.
7. Преку вера Ное, откако беше предупреден за она што уште не се гледаше, со послушност го направи ковчегот за да го спаси својот дом. Со тоа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.
8. Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди.
9. Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување;
10. зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог.
11. Преку вера и самата Сара – иако беше неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, зашто Го сметаше за верен Оној Кој беше ветил.
12. И така од еден, и тоа остарен, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13. Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени.
14. Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина.
15. И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат.
16. Но тие сакаа подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град.
17. Авраам со вера го принесе како жртва Исака, кога беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единствен син,
18. за кого му беше речено: „Потомството од Исак ќе се нарече со твое име“;
19. зашто тој сметаше дека е Бог силен и дека и мртви може да воскреснува и така да речам, го прими Исак воскреснат.
20. Со вера Исак го благослови Јаков и Исав за иднината.
21. Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосиф и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезолот свој.“