7. А кога поминаа околу три часа, влезе и жената негова, не знаејќи што се случило.
8. И Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли ја продадовте нивата?“ Таа одговори: „Да, за толку.“
9. Петар потоа ѝ рече: „Зошто сте се договориле да Го искушувате Духот на Господ? Ете, пред вратата веќе стојат нозете на оние што го закопаа твојот маж; и тебе ќе те изнесат.“
10. И таа веднаш падна пред нозете негови и издивна. А момчињата кога влегоа, ја најдоа мртва, ја изнесоа и ја погребаа до нејзиниот маж.
11. И голем страв ја обзеде целата Црква и сите оние што го слушнаа тоа.
12. Преку рацете на апостолите се појавуваа знаци и се случуваа многу чуда меѓу луѓето; и сите беа еднодушни во тремот Соломонов.
13. Од другите, пак, никој не се осмелуваше да им се придружи, а сепак, народот ги возвеличуваше.
14. И сѐ повеќе се зголемуваше бројот на оние што веруваа во Господ, мноштво од мажи и жени,
15. така што и по улиците изнесуваа болни и ги полагаа на постелки и носила, та кога ќе помине Петар, барем сенката негова да осени некого од нив.
16. А доаѓаа во Ерусалим и многумина од околните градови, донесувајќи болни, мачени од нечисти духови, и сите се исцелуваа.