2. Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови покрај азиските места, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.
3. На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, кој постапуваше со Павле човекољубиво, му дозволи да појде до пријателите свои, за да се погрижат за него.
4. Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно,
5. и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска.
6. Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрлија во него.
7. И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме до Крит. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, допловивме под Крит покрај Салмона.
8. И, откако со мака пловевме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се наоѓаше градот Ласеја.
9. Откако мина многу време и пловењето стана веќе многу поопасно, а и постот беше веќе минал, Павле ги опомена
10. и им рече: „Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на коработ, туку и за животите наши.“
11. Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бродот отколку на зборовите Павлови.
12. А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Феникс, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југозападниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат.
13. А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, ја кренаа котвата и запловија покрај Крит.
14. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен Евракилон.
15. И штом го зграби коработ, бидејќи не можеше да му се противстави на ветрот, ние им се препуштивме на брановите да нѐ носат.
16. Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ.
17. Кога го извлекоа, употребија секакви средства и го врзаа коработ одоздола; бидејќи се плашеа да не се насукаат на Сиртите, ги спуштија едрата и така бевме носени од струјата.