16. Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ.
17. Кога го извлекоа, употребија секакви средства и го врзаа коработ одоздола; бидејќи се плашеа да не се насукаат на Сиртите, ги спуштија едрата и така бевме носени од струјата.
18. На другиот ден, бидејќи бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлуваат товарот,
19. а на третиот ден сами со рацете свои ја исфрлаа опремата на коработ.
20. Но, бидејќи во текот на многу дни не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а беснееше и прилично голема бура, понатаму исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме.
21. И бидејќи веќе долго време не беа јадени, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избегневме овие маки и штети.
22. А сега ви советувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ.
23. Бидејќи ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам,
24. и рече: ‚Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред царот; и ете, Господ ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘
25. Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено.
26. Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“
27. Беше веќе четиринаесетта ноќ, откако бевме носени наваму – натаму по Јадранското Море, кога кон полноќ морнарите насетија дека се приближуваат до некакво копно,
28. и, кога ја измерија длабочината, открија дека изнесува дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати.
29. И бидејќи се плашеа да не удрат на карпести места, од страната на кормилото спуштија четири котви, па чекаа да осамне.
30. А кога морнарите намислија да побегнат од коработ, и спуштија чун во морето како да ќе спуштаат котви од предната страна,
31. Павле му рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите.“
32. Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне долу.
33. И пред да осамне, Павле ги покани сите да каснат, велејќи: „Денес е четиринаесетти ден, откако во исчекување стоите гладни, не вкусувајќи ништо.
34. Затоа, ве молам, каснете: тоа ќе ви го спаси животот. Впрочем, на ниеден од вас нема да му падне ни влакно од главата.“