Дела 27:14-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

14. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен Евракилон.

15. И штом го зграби коработ, бидејќи не можеше да му се противстави на вет­рот, ние им се препуштивме на брано­вите да нѐ носат.

16. Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ.

17. Кога го извлекоа, употребија се­как­ви средства и го врзаа коработ одоздола; бидејќи се плашеа да не се на­сукаат на Сиртите, ги спуштија едрата и така бев­ме носени од струјата.

18. На другиот ден, бидејќи бевме сил­но фрлани од бурата, почнаа да го ис­фрлуваат товарот,

19. а на третиот ден сами со рацете свои ја исфрлаа опремата на коработ.

20. Но, бидејќи во текот на многу дни не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а беснееше и прилично голема бура, понатаму исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме.

21. И бидејќи веќе долго време не беа јадени, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избег­нев­ме овие маки и штети.

22. А сега ви советувам да бидете бод­ри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ.

23. Бидејќи ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам,

24. и рече: ‚Не плаши се, Павле, ти треба да излезеш пред царот; и ете, Гос­под ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘

25. Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено.

26. Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“

27. Беше веќе четиринаесетта ноќ, от­како бевме носени наваму – натаму по Јадранското Море, кога кон полноќ морнарите насетија дека се при­бли­жу­ваат до некакво копно,

28. и, кога ја измерија длабочината, от­крија дека изнесува дваесет фати; па отидоа малку потаму, измерија пак и најдоа петнаесет фати.

Дела 27