Дела 27:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Кога беше одлучено да от­пло­ви­ме за Италија, Павле и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од царската чета.

2. Се качивме на еден адрамитски кораб, кој требаше да плови покрај азиските места, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Со­лун.

3. На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, кој постапуваше со Павле човекољубиво, му дозволи да појде до пријателите свои, за да се погрижат за него.

4. Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно,

5. и, откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска.

6. Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрлија во него.

7. И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме до Крит. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, допловив­ме под Крит покрај Салмона.

8. И, откако со мака пловевме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се на­оѓаше градот Ласеја.

9. Откако мина многу време и пло­ве­њето стана веќе многу поопасно, а и постот беше веќе минал, Павле ги опо­мена

10. и им рече: „Гледам, луѓе, дека пло­вењето ќе биде мачно и со голема ште­та не само за товарот на коработ, туку и за животите наши.“

11. Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бро­дот отколку на зборовите Павлови.

12. А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина из­јавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Феникс, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југо­западниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат.

13. А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, ја кренаа котвата и запловија покрај Крит.

14. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен Евракилон.

15. И штом го зграби коработ, бидејќи не можеше да му се противстави на вет­рот, ние им се препуштивме на брано­вите да нѐ носат.

16. Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ.

Дела 27