14. А бидејќи тој не се премисли, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде волјата Господова!“
15. Откако изминаа деновите се подготвивме за пат и се искачивме во Ерусалим.
16. Со нас дојдоа и некои ученици од Кесарија, кои нѐ одведоа кај некој си Мнасон, од Кипар, ученик од самиот почеток. Кај него требаше да престојуваме на гости.
17. Кога пристигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија со радост.
18. На вториот ден Павле влезе со нас кај Јаков; дојдоа и сите старешини.
19. И откако ги поздрави, Павле им раскажа сѐ по ред што направил Бог меѓу незнабошците преку неговата служба.
20. А тие, кога слушнаа, Го славеа Бога и му рекоа: „Гледаш, брате, колку десетици илјади Јудејци поверуваа, и сите тие станаа ревносни приврзаници на Законот.
21. А за тебе многу им е зборувано дека ги учиш сите Јудејци, кои се меѓу незнабошците, да отстапуваат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрезуваат чедата свои, и да не постапуваат по обичаите.
22. И што да се прави сега? Бездруго ќе дојде многу народ, зашто ќе слушнат дека си дошол.
23. Направи, пак, што ти велиме: кај нас има четворица мажи, кои се под завет.
24. Земи ги, очисти се со нив и плати им да си ги истрижат главите, и сите да разберат дека она што го слушнале за тебе, не е ништо, туку дека и ти сам живееш според Законот и го пазиш.
25. А за незнабошците што поверуваа ние пишавме, откако решивме, да не пазат ништо такво, туку само да се воздржуваат од идолски жртви, од крв, од удавено и од блудство.“
26. Тогаш Павле ги зеде тие луѓе, и, откако се очисти со нив, на вториот ден влезе во храмот и го објави денот, во кој се навршуваат деновите на очистувањето и во кој ќе се принесе жртва за секого од нив.
27. А кога требаше да се свршат седумте дена, азиските Јудејци, штом го видоа во храмот го побунија целиот народ и ставија раце на него,
28. викајќи: „Луѓе Израилци, помогнете! Овој човек насекаде учи против народот, против Законот, против ова место; а освен тоа уште и Елини воведе во храмот, та го оскверни ова свето место.“
29. Бидејќи пред тоа во градот го беа виделе со ефесјанецот Трофим и мислеа дека Павле го вовел во храмот.
30. Целиот град се раздвижи, и народот се насобра. И кога го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот; и веднаш вратата беше затворена.