Дела 2:3-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

3. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно.

4. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.

5. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под не­бото.

6. Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик.

7. И сите вџашени и восхитени, гово­реа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци?

8. Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик?

9. Парти, Мидијци, Еламити и жите­лите од Месопотамија, Јудеја и Капа­до­кија, од Понт и Азија,

10. Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани.

11. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за го­лемите дела Божји на нашите јазици?“

12. Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“

13. А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“

14. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови;

Дела 2