29. Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денешниов ден.
30. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва дека ќе Го подигне Христос од плодот на неговите бедра на престолот Свој,
31. предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање.
32. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци.
33. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате.
34. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна,
35. додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘
36. И затоа, нека знае со сигурност сиот Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“
37. Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“
38. А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух.
39. Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“
40. И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“